Неверојатна е приказната за еден мал клуб кој доаѓа од Гибралтар, формиран пред девет години. Екипата на Бруновите страчки (Bruno’s magpies) ќе дебитира на меѓународна сцена, и тоа во Конференциската лига, за историски успех на клубот кој е формиран ВО КАФЕАНА.
Пред девет години, неколку пијани пријатели седеле во кафеаната „Брунов бар и ресторан“, кога решиле да формираат клуб. По неколкугодишна борба, клубот не само што опстои, туку се избори и за настап во натпреварувањата на УЕФА.
Бруновите страчки завршија на четвртото место во првенството на Гибралтар и на тој начин се изборија за место во квалификациите за Конференциската лига. На чело на клубот е Луис Пери, човекот кој бил „домаќин“ на судбоносната вечер, односно синот на газдата на кафеаната во која е формиран клубот.
Интересно е дека во клубот сега има неколку спонзори, а дел од нив доаѓаат дури и од Велика Британија. Бруновите страчки во првото коло од квалификациите во Конференциската лига ќе играат против Крусајдерс од Северна Ирска и реално се аутсајдери, но секако самиот настап во Европа за нив ќе биде голем успех.