Пике и Рамос „се закачија“ по Ел Класико, капитенот на Реал и тука излезе како победник

Жарарт Пике беше еден од оние играчи кои кога беше најпотребно, киксираа. Дефанзивецот на Барселона требаше директно да го чува Винисиус, но реши да му остави простор на младиот напаѓач на Реал, кој тоа го искористи и даде гол за водство на Реал Мадрид од 1:0, најавувајќи го триумфот на Кралскиот клуб.

По мечот, Пике имаше интересна забелешка, а тоа е дека на овој меч го видел најслабото полувреме кое го има одиграно Реал во Ел Класико во Мадрид.

„Во првото полувреме тоа беше најслабиот Реал Мадрид кој го имам видено на Ел Класико на Сантијаго Бернабеу. Го контролиравме мечот во првите 45 минути, но штета, не успеавме да постигнеме гол. Во второто полувреме тие направија притисок и ни дадоа гол во најлошиот можен момент. Не сакам да излезе дека критикувам, но штета што не успеавме да ја капитализираме нашата добра игра во првиот дел. Секој тим си има свои проблеми, а ние на овој меч не бевме доволно добри во текот на сите 90 минути“, рече Пике.

Веднаш потоа, новинарите го запрашаа Рамос да коментира на мислењето на Пике дека Реал никогаш не одиграл послабо полувреме на Ел Класико, а капитенот на Кралевите беше со подготвен одговор.

„Веднаш ќе потпишам да играме секогаш толку лошо како што вели Пике, но да го добиваме Ел Класико мечот“, вели Рамос, кој беше одличен диригент на теренот во Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести