Фудбалската репрезентација на Србија се подготвува за стартот на квалификациите за Светско првенство 2026 година. Уште во првиот меч Србија има голем предизвик, а тоа е гостување кај Албанија. Потоа следува дуел на свој терен против аутсајдерот Андора.
Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, откри дека веќе не смета на услугите на Сергеј Миленковиќ-Савиќ. Популарниот СМС, чија цена на трансфермаркетот своевремено се проценуваше на 100 милиони евра, моментално е дел од тимот на Ал-Хилал во Саудиска Арабија. Миленковиќ-Савиќ повторно одбил да игра за Србија, па селекторот реши дека веќе нема да го вика овој играч на собирите.
„Разговаравме најмалку петпати, и доаѓа нов циклус, тој го задржа ставот дека не е ментално подготвен. Додека јас сум тренер, тој нема да добива повеќе повици. Сè уште го почитувам, тој е добар фудбалер, но по пет обиди и разговори со него, не треба да губиме повеќе време или енергија. Не е кавга, односот не е нарушен, луѓето не треба да прават непотребни приказни, но јас повеќе немам желба да убедувам никого, а тој нема. Има и други што чекаат. Еве го Љајиќ, на пример“, рече Стојковиќ.
Миленковиќ-Савиќ последниот настап во репрезентативниот дрес на Србија го имаше на Европското првенство минатата година. Од тој момент секогаш кога ќе добиваше покана за настап, Миленковиќ-Савиќ одбиваше да игра за националниот тим.