Србија и Албанија во сабота на стадионот во Лесковац ќе го одиграат веројатно најважниот натпревар за пласман на втората позиција во нивната група. Селекторот на нашиот северен сосед, Драган Стојковиќ-Пикси, вели дека противникот е анализиран и очекува максимален ефект во октомврискиот прозорец.
„Не можат да нѐ изненадат барем што се однесува во почетниот состав, знаеме кои две промени ќе ги направат, но не верувам дека тоа нешто драстично ќе промени. Ќе има и ротации поради повреди, но нема да менуваат ништо во системот. Ќе играат со четворица по дефанзивната линија, тоа е јасно. Кога се игра ваков важен натпревар, секој сака да покаже квалитет и тој квалитет да преовладува. Фудбалот е жива игра и не може да претпоставите што ќе се случи. Не дај Боже да има некој црвен картон – тогаш се паѓа во вода. Ќе се потрудиме да ја прикажеме Србија во вистинско светло“, вели Стојковиќ.
Селекторот на Србија се осврна и на свирежите кои ги доби по убедливиот пораз од Англија во Белград.
„Важно е да го добиеме натпреварот, а потоа веројатно ќе бидам национален херој. Тие свирежи кои се случија на ‘Маракана’, според мое мислење, не се спортски, туку имаат политичка заднина, а тоа мене не ме интересира. Сега размислуваме само како утре да победиме. Навивачите доаѓаат за да навиваат за Србија, да покажат љубов кон нацијата и фудбалерите“, додаде Пикси Стојковиќ.