Пирло: Дибала не е на продажба, а Игуаин ќе си оди

Андреа Пирло ја одржа првата прес-конференција како тренер на Јувентус и даде одговори на некои дилеми кои постоеја во јавноста, а се однесуваат на преодниот рок. Пирло рече дека Пауло Дибала не е на продажба и дека Аргентинецот останува во Јуве, но затоа за другиот Аргентинец, Гонзало Игуаин, „циклусот во Јувентус е завршен“.

Италијанските медиуми најавуваат дека Пирло ќе форсира формација 4-3-3, со Дејан Кулушевски покрај Дибала и Кристијано Роналдо во нападот. На голот прва опција е Шченсни, во одбраната ќе бидат Квадрадо, Бонучи, Де Лихт и Алекс Сандро, а средниот ред ќе го држат Бентанкур, Рабио и новакот Артур Мело, кој дојде од Барселона.

„Сакам да внесам ентузијазам во тимот, мислам дека тоа фалеше во изминатиот период. Ќе играме проактивен, напаѓачки фудбал. Топката треба да биде кај нас, а кога ќе ја загубиме, мора да се бориме што побрзо да ја вратиме во наш посед. Артур не е новиот Пирло, не сме со исти карактеристики, но квалитетен е, може да игра на неколку позиции. Разговарав со Роналдо за сегашноста и иднината, а Дибала не е на продажба, никогаш не бил. Го почитувам Игуаин, но го известив дека патиштата треба да ни се разделат. Неговиот циклус тука е завршен“, рече Пирло, кој смета дека Игор Тудор, како ексчлен на Јуве и човек со тренерско искуство, бил идеално решение за негов асистент.

- Оглас -

Најнови вести