Пирло: Ќе мора да играме трпеливо за да избориме пласман во следната фаза

Јувентус вечерва го пречекува Порто во реванш-дуелот од осминафиналната фаза во Лигата на шампионите, во кој актуелниот италијански првак ќе брка негатива од 2-1 во обид да се избори за топ 8 фазата.

Андреа Пирло е свесен што го очекува во овој меч откако детално ги анализираше Змејовите, па истака што треба да направи неговата екипа за да извојува поволен резултат.

„За нас ова е одлучувачки натпревар со кој ќе се одреди нашата судбина во Лигата на шампионите. Резултатот е отворен, ќе мора да играме паметно и да ја користиме нашата техника доколку сакаме да триумфираме. Порто е прилично компактен тим и добро организиран, се брани на мал простор, што за нас ќе биде проблем при пронаоѓање паметни решенија. Најмногу од сè, ќе мора да играме трпеливо и да ги искористиме сите шанси кои ќе бидат пред нас“, посочи Пирло во пресрет на реваншот.

Дуелот на „Алијанц“ стадионот во Торино стартува во 21 часот, а во истиот термин ќе се игра и вториот меч за вечерва, Борусија Дотмунд – Севилја.

- Оглас -

Најнови вести