Интер по 19-ти пат во својата клупска историја е шампион на Италија, по обезбедувањето на Скудетото добија честитки од многу страни, а секако и од ривалот Јувентус кој девет години по ред беше првак, и од нивниот тренер Андреа Пирло, кој како играч три сезони има настапувано за Интер.
Пирло призна дека им е тешко што наместо за титула, се борат за влез во Лигата на шампионите, но најави дека ова ќе биде мотивација за Старата дама од следната сезона да почне нов циклус на доминација.
„Им честитам на Интер и Антонио Конте за заслужената титула. Ние ќе треба да промениме нешто, бидејќи сакаме повторно да бидеме шампиони. После девет титули по ред, една ера завршува, но ќе започне друга, и целта ни е пак да бидеме на врвот. Треба ментално да се навикнеме дека се бориме за Топ 4, а не за титулата“ – изјави Пирло.
Фановите на Интер вчера се собраа на главниот плоштад во Милано, според проценките на полицијата, имало околу 30.000 луѓе. Оваа прослава предизвика многу критики, бидејќи не е баш соодветно во време на пандемија да има вакви масовни собири, иако најголем дел од навивачите носеа маски. Сепак, децениското чекање заврши, и радоста кај интеристите е мниогу голема.