Пирло: Одбив понуди од клубови од Англија и Серија А

Италјанска фудбалска легенда Андреа Пирло започна нов предизвик. Докажаниот фудбалер стана тренер и тоа на младинскиот тим на Јувентус. Пирло како играч помина четири сезони во гигантот од Торино и тоа му беше доволно за да одлучи дека како тренер сака од Старата дама да ја почне кариерата. Вели дека ќе му биде чест да учи од тренер како Маурисио Сари.

„Горд сум што започнувам како тренер во Јувентус. Се надевам дека ќе доживеам дел од емоциите и радостите што ги имам доживеано како играч. Со нетрпение чекам да започнам затоа што подолг период бев надвор од фудбалот. Токму годините поминати без фудбал ми помогнаа да сфатам дека не можам без него. Тоа е основното нешто со кое сакам да се занимавам. Во Јувентус како играч дојдов откако претходно 10 години играв во Милан, а во Торино веднаш бев примен како дел од семејството“, вели Пирло.

Играчот кој имаше визија за фудбал и знаеше да даде „магични“ топки вели дека не се двоумел за тоа каде треба да биде тренер.

„Имав понуди од клубови кои се дел од Серија А и Премиер лигата, но проценив дека нема подобро место за мене од Јувентус. Во моментот кога прекинав со играње фудбал не прекинав и со учење на новите трендови и начини за игра. Со сите од тренерите со кои сум работел, сум успеал да сочувам нешто. Играв под водство на големи тренерски имиња како Карло Анчелоти, Марсело Липи, Макс Алегри… Јас имам моја визија за фудбалот а главната филозофија е да се има посед на топката во свои нозе“, заврши Пирло пред да започне со новиот фудбалски предизвик.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести