Полјакот Кжиштоф Пјонтек се надева дека презимето ќе му донесе среќа вечерва на дебито како фудбалер на Херта. Пјонтек на полски јазик значи петок, а судбината сакаше токму во петок навечер Пјонтек првпат да заигра во меч од бундеслигата. Противник на „сино-белите“ од Берлин е Шалке 04.
Пјонтек вчера потпиша за Херта и уште вечерва ќе добие прилика да покаже што знае.
„Никогаш немам играно на Олимпискиот стадион во Берлин, убаво би било да заиграм на неговиот терен уште вечерва. Сакам што побрзо да се запознаам со убавините на Берлин и веднаш да заиграм за Херта“, рече Пјонтек, кој ќе се обиде во Германија да остави трага како некои негови сонародници кои подолго време се во Бундеслигата, како Левандовски и Пишчек.
Прекарот Пистолеро на Пјонтек му го дадоа во Италија поради начинот на прослава на головите, можеби во Германија ќе добие нов прекар, од него зависи како ќе се покаже и како ќе ги прославува головите кои сигурно ќе ги постигне.