Дојде денот кој македонската фудбалска репрезентација го чекаше речиси 28 години. По „раѓањето“ на националниот фудбалски тим и победата над Словенија на 13 октомври 1993 година, сега повторно на 13-ти, но овојпат во јуни 2021 година, за прв пат ќе заиграме на едно големо натпреварување. Македонија е дел од Европското првенство.
Нашата селекција е дел од елитата, дел од 24-те најдобри селекции на Стариот континент, кои ќе се борат за големиот трофеј. Букурешт е градот кој ќе биде запишан во нашата фудбалска историја, затоа што на Националната арена, денеска од 18 часот ќе играме против Австрија.
ВО БУКУРЕШТ НИ СЕ НАПРАВЕНИ ДВЕ ГОЛЕМИ НЕПРАВДИ, ВРЕМЕ Е ЗА РАДОСТ
Низ историјата, Букурешт бил значаен за Македонија, но досега сме го памтеле по лошо. Во 1913 година, бил потпишан Букурешкиот договор според кој Македонија била поделена на три дела (Пиринска, Вардарска и Егејска). Речиси 100 години подоцна, поточно во 2008 година, Македонија очекуваше прием во НАТО, но на Самитот во Букурешт, Грција во последен момент стави вето и не добивме „зелено светло“.
Сега, трет пат Букурешт е значаен за Македонија, а овојпат тоа е на спортски план. Ако првите два големи историски моменти имале негативен исход за нас, сега е редно да биде позитивен резултатот. Многумина викаат дека секогаш е „трета-среќа“, па така нека биде и овојпат. Едноставно оваа македонска селекција има сили да победи и противници како Германија, па никако не смееме да се исплашиме од Австрија. Мора да одиме на победа.
Низ Виена од вчера се веат македонски знамиња, и старите и новите. Илјадници навивачи се сплотени како едно и уште од вчера „грмат“ низ Букурешт.
ДОЖДОТ Е БЕРИЌЕТ, А ДЕНЕС ЌЕ БЛЕСНЕ МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ
Вчера во Букурешт врнеше во поголем дел од денот. Во еден момент се „споија небото и земјата“, па пороен дожд го потопи теренот на кој денеска треба да играме.
Освен тоа што очекуваме конечно да имаме трета-среќа во Букурешт, како што велат старите, „после дождот доаѓа сонце“. Дождов вчера цел ден врнеше, а денеска на теренот на Националната арена очекуваме да блесне Македонското сонце.
Напред Македонија, одиме на победа!