Писмо од Букурешт

„Сега е наше време“ е паролата со која Фудбалската федерација на Македонија го промовираше проектот за пласман на Европското првенство. Фудбалерите успеаја во главната мисија, се пласираа меѓу 24-те најдобри селекции на Стариот Континент и сега се дел од континенталното шоу.

Македонија го одигра и првиот меч, против Австрија, но, за жал, загубивме. Австријците беа подобри со 3:1, иако на 15-тина минути пред крајот беше нерешено. Разочарани сме поради поразот затоа што Австриците не се покажаа како посебно подобри, но неуспехот во дебитантскиот меч не ја расипа атмосферата во националниот тим.

СЕ ОДИ СКАЛА ПО СКАЛА, ДЕНЕШНОТО ИСКАЧУВАЊЕ ТРЕБА ДА Е РАДОСТ ЗА ПРВА ПОБЕДА

Фудбалерите се максимално фокусирани и три дена по поразот од Австрија, сега се орни за нови предизвици. Првично целта беше да се пласираме на ЕП, а веќе кога дојдовме тука, многумина посакаа да се израдуваат барем на еден погодок. Тоа се случи на дуелот против Австрија, кога капитенот Горан Пандев погоди во 28-мата минута.

Многумина велат дека треба да се оди чекор по чекор. Ако првото беше пласман на ЕП, па потоа да дадеме гол на големи натпреварувања, сега мисијата е да се израдуваме и на првата победа. Украина е денешниот ривал, противник кој е за респект, но никако не е ривал од кого треба да се плашиме.

НАВИВАЧКИОТ ВУЛКАН ЧЕКА ЕРУПЦИЈА ЗА КОЈА ЌЕ ДОЗНАЕ ЦЕЛА ЕВРОПА

Дека Македонија не се плаши, докажа и во дуелот пред неколку месеци против Германија на гости, во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022 година. Ако можевме на Германија да ѝ одржиме фудбалска лекција, попладнево треба да веруваме дека можеме да ги освоиме трите бода против Украина.

Неколку илјади навивачи се дојдени тука во Букурешт и со нетрпение чекаат да се најдат на трибините на Националната арена за да ги бодрат спортските јунаци.

Има навивачи кои веќе 4-5 дена се во Букурешт и секој ден прават шоу на кое се восхитуваат локалните жители, но и сите оние останати туристи кои се во главниот град на Букурешт. Секојдневно има локални телевизиски екипи кои сакаат да снимат прилози за тоа како македонските навивачи се веселат.

Тоа што е многу важно е дека досега немаше никакви проблеми меѓу навивачите, а романската полиција едноставно потенцира дека со мерак е на должност да ја следи ситуацијата на едни вакви гостински навивачи.

Ах, само да победиме денеска, па дури тогаш да видат како се радуваат македонските навивачи на историскиот прв триумф на големите првенства.

Денеска е наш ден, денеска е ден за победа. Напред Македонија!

- Оглас -

Најнови вести