Романците објавија фотографии од селекторот Игор Ангеловски и капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев на вечера со своите семејства, вчеравечер по мечот со Украина што го загубивме со 1:2.
Приказната е дека го прекршиле протоколот на УЕФА за строг престој во балон, или популарниот „бабл“, а вистинската приказна е дека ги барале нивните репрезентативци и селекторот за да ги фатат живи во невиден скандал на обична вечера со семејствата.
Не ги нашле своите, ги нема, не играат на Европското првенство, па удри по Мрме и Пандев. Праќај во УЕФА како во шпиунски филм, тајно фотографирано, без доказ дека сликите се валидни, иако веројатно било така.
Што е суштината на целиот калабалак? Романските медиуми и фудбалски експерти на неочекуван начин, секако не сите постојано инсистираат дека Македонија е слаба репрезентација и дека тие, Романците би се прикажале во многу посветло издание да беа на наше место.
Имаше неколку анализи во тој стил, искрено кажано мизерни, како што е чинот на папарацо новинарите да се скријат во блиските грмушки и да ги фотографираат фатени живи на дело Ангеловски и Пандев како ги кршат смешните протоколи на УЕФА за некаков балон.
Балоните на УЕФА пукнаа како меури од непринципиелност, тотална неорганизираност и хаос. Маските паднаа во Рим, Будимпешта и тука во Букурешт и на сите стадиони каде се игра ЕП. Погледнете ги фотографиите од трибините и барајте ги луѓето со маски на лицата. Ги нема, или ги има многу малку. Маските паднаа и на лицата на лицемерите и од УЕФА и од организациските комитети, комисии, или кои и да се.
Протоколите овде во Букурешт не важат за сите, со примери што досега потписникот на овие редови не ги видел никаде. „Новинар сум, си одам во апартманот“, му велам на редарот при излезот од прекрасната национална Арена во Букурешт.
„Мора да минеш низ скенерот, не може поинаку“, ми вели. Сте биле на стадион и кај нас во Македонија и се надевам и во странство и не верувам дека ќе се најде еден од вас што ќе го прочитате ова писмо од Букурешт што доживеал ваков чин. Си одите дома по натпревар и чекате да ви дозволат да си заминете. Лудо и незаборавно. И како што обично бива скенерот се прегреа и си почекавме со колегите да ни дадат пас за слобода, за пат кон дома.
Вакви примери имаше мал милион од типот „Овде е влез за австриските новинари, не и за вас“, а на сите стадиони новинарските ложи без исклучок се на истото место за сите новинари. И сето ова заедно со стручните анализи, подметнувања и дворски игри на домашните медиуми, каков што е папарацо случајот со Пандев и Мрме ги урнаа сите граници на достоинство, на некакви глупи протоколи што никој не ги почитуваше, па ниту самата УЕФА.
И да се разбереме сите ние што сме овде, новинари, навивачи, обични фудбалски вљубеници му симнуваме капа на романскиот народ. Пет-шест дена им се качивме на глава со журките особено во старата Чаршија на Букурешт, а тие секогаш не дочекуваа љубезно, со многу симпатии и трпение. Дури и среќни што на гости им дошла убедливо најдобрата странска навивачка група на ова првенство.
Една огромна армија во „црвено-жолти“ бои што со песни и неверојатен дух ширеше безгранична љубов кон својата земја, ги почитуваше домаќините и ривалите, стана хит во фудбалскиот свет и со срце си ја промовираше својата земја.
За крај секако и за тоа што дојдовме во Букурешт, за фудбалот, за историскиот настап на Македонија на големо натпреварување. Грешки имаше, тактички, играчки и формациски, испаднавме со два порази, но фер е само да се потсетиме, каде сме, каде бевме и кои сме.
И на нас што сме во Букурешт и на вас во Македонија и на тие што имаат симпатии кон нас кристално чисто им е јасно дека Ангеловски, Пандев и сите што беа учесници во лудата авантура до ЕП и на него ни го озвозможија најголемиот настан во нашата фудбалска историја.
Тие се јунаците што ве прават среќни, што ја промовираа Македонија на најубав начин, што не фрлија во еуфорија, заради кои нова генерација момчиња и девојки ќе се „запалат“ за најважната споредна работа на светот.
Пред нив бевме на 150. место на ФИФА листата, зачаурени во ѓаволски маѓепсан круг на неуспеси, на расправии, на тага, на навивање за туѓи репрезентации на големите натпреварувања. Или едноставно заглавени во калта заедно со Малта, Аруба, Маршалски острови… многу над стотката на ФИФА листата.