Новиот член на Милан, полскиот напаѓач Кжиштоф Пјонтек, кога имал 11 години, бил фотографиран на плажа, а се гледа пешкир со амблемот на „росонерите“, кои вчера и официјално станаа негов нов клуб чиј дрес ќе го носи во наредниот период.
Ова е доказ дека некогаш соништата се остваруваат. Кога имал 11 години, Пјонтек веројатно сонувал дека ќе игра за Милан, а сега тоа е реалност.
Во изминатите денови, 23-годишниот Пјонтек велеше дека одвај чека да стане играч на Милан, но многумина мислеа дека тоа е само празна фраза која ја кажуваат сите играчи кога ќе потпишат за некој голем клуб. Сепак, од фотографијата направена на летен одмор се гледа дека Полјакот навистина секогаш имал симпатии кон клубот од Милан со кој потпиша договор до 30-ти јуни 2023 година.
Денеска откако ќе биде претставен пред медиумите, Пјонтек ќе го одржи и првиот тренинг со својот нов тим во којшто дојде од Џенова.