Пјонтек „решета“ и за Полска, Словенија со реми кај Израел

Македонската фудбалска репрезентација е лидер по првото коло во групата Г од квалификациите за пласман на Европското првенство 2020. Победата од 3-1 против Летонија е доволна за Македонија да биде предводник во групата во која се уште и Израел, Словенија, Австрија и Полска.

Со три бода е само уште Полска, која победи на гости кај Австрија со 1-0. Погодокот за победа на Полјаците го постигна Кжиштоф Пјонтек во 69-тата минута. Интересно е што напаѓачот на Милан беше резерва на овој меч, а во игра влезе во 59-тата минута. Само 10 минути му беа потребни на Пјонтек да погоди за победа на Полска.

И Словенија имаше водство од 1-0 на гости кај Израел, но домаќините израмнија и на крајот двете селекции освоија по еден бод. Спорар погоди за Словенија во 48-мата минута, а во 55-тата минута веќе беше 1-1 благодарение на погодокот на Захави.

Словенија е следниот противник на Македонија. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски в недела во Љубљана ќе се обидат да го задржат лидерското место во групата Г.

- Оглас -

Најнови вести