Легендарниот француски фудбалер и некогашен прв човек на Европската фудбалска федерација (УЕФА) изјави дека не е задоволен од тоа во кој правец се движи модерниот фудбал.
Според Платини, воведувањето на ВАР-системот не донел некои посебно позитивни промени. Французинот вели дека ВАР-технологијата би ја укинал, а само за една работа е корисна.
„Веднаш би го укинал ВАР-системот. Може да остане само кога се работи за офсајд ситуации, кога треба да се повлекуваат линии за да се види дали играчот е во недозволена позиција. Сè останато би оставил на одлуки на судиите. Арбитрите треба да бидат тие кои треба да решат дали е фаул или не“, рече Платини во изјава за италијанските медиуми.
Платини, кој во играчката кариера блескаше во дресот на Јувентус, беше запрашан дали сега ги следи натпреварите на неговиот некогаше клуб.
„Не гледам многу Серија А бидејќи во Франција тие мечеви не ги даваат на телевизија. Искрено, не знам да набројам тројца фудбалери од Јувентус, но среќен сум кога ќе слушнам дека победил. Тоа е клуб во којшто сум поминал многу убави моменти, но тоа беше многу одамна, пред 40 години“, вели Платини.