Вечерва се одигра последното, 38-мо коло од италијанската Серија Б. Од претходно беше познато дека Фросиноне и Џенова се нови членови на Серија А, а сега се познати и екипите кои ќе разигруваат во плеј-офот за пласман во италијанската елита.
Екипите на Бари и Парма обезбедија пласман директно во полуфиналето од плеј-офот, а претходно ќе разигруваат Каљари, Судтирол, Реџина и Венеција.
Според системот, во четвртфиналето ќе се сретнат Каљари – Венеција и Судтирол – Реџина. Победниците ќе им се приклучат на Бари и Парма во полуфиналето, а пласман во Серија А ќе обезбеди само само една екипа, односно победникот на плеј-офот.
Од овие екипи, единствено Судтирол нема настапувано во Серија А, а ова за нив е дебитантска сезона и во Серија Б. Се работи за клуб од провинцијата Јужен Тирол на границата со Австрија, односно од градот Болцано и клуб на австриското малцинство од германското јазично подрачје.
Истовремено во плеј-аутот за опстанок ќе разигруваат два поранешни члена на Серија А, Бреша и Козенца. Само победникот ќе обезбеди опстанок во Серија Б, додека поразениот се сели во Серија Ц. Таму веќе се екипите на Перуџа, Спал и Беневенто, сите поранешни членови на елитната италијанска лига.