Пиреј сме што не го ништи ништо – Фудбалот ни е жив, Македонија има јунаци што пишуваат историја

Македонија денеска се радува, стравува, исчекува и се надева дека нашите модерни спортски јунаци предводени од Горан Пандев ќе успеат да ја украсат фудбалската историја со победа против Австрија од 18 часот во Букурешт на Европското првенство.

Конечно го дочекавме и денот за настап на големо фудбалско натпреварување, но не сме без корен и на Европските првенства. Тоа што златната млада генерација играчи го почна во 2017 година во Полска со прв настап на Европско првенство, четири години подоцна продолжува овде во Букурешт со деби учество на сениорската репрезентација.

Играме против опасен ривал што двапати нè победи во 2019 година и нè надигра во Скопје со победа од 4:1 како никој во последните десеттина година. Австрија со симболичен израз фудбалски во моментов е Германија Б. Дури 19 репрезентативци на Австријците што ќе конкурираат вечерва за настап против Македонија играат во германската Бундеслига.

Колку се сменија работите од пред две години, доволно говори податокот дека Македонија во март во Дуисбург ја победи токму големата Германија со 2:1. Тогаш зошто да не биде и денеска победнички против селекција што има само 7 фудбалери кои не настапуваат во германското првенство?

Горан Пандев ќе ја круниса исклучително успешната клупска кариера со многу трофеи и дведецениска авантура на Чизмата со настап на големо натпреварување со својата земја Македонија.

Италија денеска ќе навива за него, за Елмас, за Несторовски, Трајковски, Ристовски. Сите оставија свој белег во Серија А. Јоркшир и Лидс со денови го бодрат својот миленик Џани Алиоски, пораки има безброј со желба за успешен настап на ЕП.

Енис Барди и Столе Димитриевски ни носат симпатии од Шпанците, Хрватска не го заборава „капетанот“ на Динамо Загреб и неуморниот мотор на Рисовите Аријан Адеми. Во Букурешт нашиот гол ќе се обиде да го заклучи новиот Кајзер Франц, Дарко Велковски, тука се и Николов, Муслиу, дијамантот Елмас и сите што се заслужни за големиот успех, предводени од нашиот тренерски маг, Игор Ангеловски.

Имаме играчи, имаме квалитет, имаме сè за победа против Австрија. Сите заедно денеска ќе имаат огромна поддршка од цела Македонија, од дијаспората, од сите на кои при срце им е нашата земја. Букурешт веќе е обоен во препознатливите „црвено-жолти“ бои, ќе грми од трибините на националната арена во чест на фудбалската војска што ја преводат Мрме и Гоче, секој на свој начин, сите заедно исклучително успешно

Оваа генерација како Пиреј никна и ни го оживеа фудбалот по речиси тридецениско таворење во долниот фудбалски дом на Европа.

„Племето наше е Пиреј и не го ништи ниедна војска. Само малку да се допре до земјата и пак ќе фати, ќе оживи, ќе потера…“ вели нашиот поет великан, Петре М. Андреевски.

Вие сте фудбалски јунаци што на величенствен начин го никнавте фудбалот во Македонија, го оживеавте и потеравте кон ѕвездени височини. За Вас денеска е ден за уживање, за сите нас сплотени голем ден за историја.

Македонија игра светски фудбал, и што е уште поважно е вистински модел за квалитет, соживот, за пријателство, за борбен дух, за атмосфера што ретко која селекција ја има во моментов.

Еден до друг денеска ќе бидат фудбалери од различни генерации, вери, религии, но со исти идеали, да се успее во дебито на големо натпреварување.

Македонија е горда на вас, без разлика што ќе биде по историските 90 и кусур минути против Австрија. Покажавте дека сте и фудбалски мајстори, кои беа најдобри кога беше најтешко и најважно, против Косово и Грузија и велемајстори што на волшебен начин со невидена мудрост ја матираа големата Германија, по 20 години без пораз во квалификации за Светско првенство.

Вечер ќе ја имате безграничната поддршка од сите што сакаат убави приказни кои доаѓаат од мала земја, ќе грмне песна за вас од трибините на националната арена во Букурешт, но и во Македонија и од грлата на сите што имаат симпатии кон нашата земја.

Вие треба само да уживате на терен, да одиграте како што умеете, мудро, борбено, до последен здив, во мечот што го оствари и вашиот и нашиот сон, да ја видиме Македонија на големо натпреварување. Победа против Австрија ќе биде само шлаг на еден успешен рецепт што стана препознатлив модел за успех, за остварување на сонот, но и најава за идни фудбалски и спортски успеси на мала, но горда земја.

 

Национална арена во Букурешт

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Николов, Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Адеми, Елмас, Пандев, Трајковски.

АВСТРИЈА: Бахман, Лајмер, Драговиќ, Хинтерегер, Лазаро, Грилич, Лазаро, Сабицер, Алаба, Баумгартнер, Арнаутовиќ.  

 

 

- Оглас -

Најнови вести