22.8 C
Skopje
вторник, 22 јули 2025

Пливачот Никола Ѓуретановиќ со подвиг за паметење – државен првак и во Македонија и во Србија!

Македонскиот олимписки пливач Никола Ѓуретановиќ продолжува да ги поместува границите на успехот. Во рок од само неколку дена, овој млад спортски бисер стана државен првак во две различни земји – прво во Македонија, а потоа и во Србија.

На Националното првенство на Македонија, Ѓуретановиќ буквално владееше во базенот. Освои злато во речиси сите трки каде настапи, по што заслужено беше прогласен за најуспешен јуниор и најдобар пливач во апсолутна категорија. Неговите настапи уште еднаш го потврдија како водечко име на македонското пливање.

Само неколку дена подоцна, Никола настапи и на Државното првенство на Србија во Белград, каде што се пливаше на олимписки (50-метарски) базен. И таму блесна – овојпат како шампион во јуниорска конкуренција, оставајќи зад себе и имиња што неодамна се закитија со медали на Европското младинско првенство.

„Ова не е само победа за мене – ова е триумф на целиот тим, на моите тренери, на ПК Вардар, на моето семејство и сите кои стојат зад мене и веруваат во нашата спортска приказна“, порача Ѓуретановиќ.

Од ПК Вардар јавно се заблагодарија и на Миро Крстевски, претседател на ПК Бета Шаркс, за неговата безрезервна поддршка и признание за вложениот труд и резултатите кои Ѓуретановиќ и клубот ги постигнуваат.

- Оглас -

Најнови вести