11.8 C
Skopje
понеделник, 9 февруари 2026

Плодовите од работата на Клоп се „потрошија“ – Ливерпул ќе мора да менува, Јунајтед како да воскресна со Карик

Премиер лигата е во фокусот на фудбалската јавност поради сето она што се случува во и околу екипите, во борбата за титулата која се најавува.

Ливерпул е далеку од шампионските денови, па во продолжение од сезоната ќе мора да се бори за место во Лигата на шампионите, а титулата може само да ја сонува. Арне Слот го наследи Јирген Клоп на тренерското место во Ливерпул и уште во првата сезона успеа да дојде до титулата, но од денешна перспектива станува јасно дека претходната сезона, кога Црвените на доминантен начин стигнаа до титулата, било плод, но и наследство на она што го работеше Јирген Клоп, а не свежа крв и квалитет на Арне Слот.

Минатото лето Ливерпул потроши многу, донесе врвни фудбалери, но резултатите се далеку од очекуваните и посакуваните, па раководството на Црвените ќе мора итно да менува и да започне нов шампионски „циклус“ со друг тренер, кој ќе знае да ги склопи коцките.

За разлика од Ливерпул, нивниот најголем ривал, Манчестер јунајтед, одамна сонува за шампионските денови од времето на Сер Алекс Фергусон, но се чини дека привремениот тренер, Мајкл Карик, како да ги воскресна Црвените ѓаволи.

Јунајтед испадна од сите можни натпреварувања, па може да се посвети само на Премиер лигата, а таму има четири победи по ред, од кои две се над Манчестер сити и Арсенал. Избраниците на Мајкл Карик веќе се четврти на табелата, во зоната која носи Лига на шампиони, а доколку вака продолжат, во наредната сезона со сигурност ќе ги гледаме меѓу најдобрите 36 екипи во Европа.

Враќање на шампионските патеки посакува и Манчестер сити, кој сè повеќе личи на онаа неприкосновена екипа која со леснотија ги освојуваше трофеите. Победата над Ливерпул на „Енфилд роуд“ ги вратни на минус шест од Арсенал, а Топчиите се оние кои треба да го издржат притисокот, нешто што не им успевало минатите години, кога не успеваа да дојдат до трофејот во Премиер лигата.

Можеби во Шпанија ќе има голема битка помеѓу Барселона и Реал Мадрид за титулата бидејќи разликата е само еден бод, но сепак, Премиер лигата од коло во коло носи сè поголеми возбудувања, а борбата и за титулата и за излез во Европа допрва ќе се вжештува.

- Оглас -

Најнови вести