ПМФЛ: „Лавовите“ го декласираа Работнички, Шкендија шокирана во Тетово

Академија Пандев претрпе изненадувачки пораз од тимот на Ренова на домашен терен откако „гипсарите“ без главен предводник се изборија за победа од 2-0 во Струмица. Стрелец на двата погодоци за гостите беше Влатко Стојановски во 14-тата, односно 70-тата минута од средбата.

Победа го шокираше македонскиот првак Шкендија на градскиот стадион во Тетово, откако прилепчани освоија три бода при конечни 2-0. Киријан Чиразорм во 61-та минута го постигна водечкиот гол, а во самиот финиш на средбата Ѓорѓи Танушев го постави конечниот резулата, со што Победа им го нанесе првиот пораз на тетовчани во домашниот шампионат во оваа сезона.

Вардар со минимални 1-0 очекувано славеше против тимот на Силекс. Виктор Јуфо по 71 минута игра, конечно го најде патот до мрежата на гостите. Минимален триумф од 1-0 издвои и Беласица против Шкупи на свој терен со голот на Балдовалиев во седмата минута од средбата.

Македонија ЃП со убедливи 3-0 триумфираше над Работнички во градското дерби. „Лавовите“ потполно ја надиграа екипата на Ѓоре Јовановски нанесувајќи им го четвртиот пораз за сезонава. Стојчевски го отвори резулатот по седум минути игра, а Кировски зголеми на 2-0 дваесет минути подоцна. Во второто полувреме, Божиновски ги реши сите дилеми околу победникот на оваа средба, со гол во 59-тата минута од мечот.

Со поразите на Академија Пандев и Шкендија, Вардар се избори за првото место на табелата со 17 бода, додека веќе споменатите екипи заостануваат со два бода, односно со минус три бода. По ова коло, Вардарци се единствениот тим кој по седум натпревари во домашниот шампионат се непоразени. Победа се искачи на четвртата позиција со 11 бода, Работнички има девет, Беласица осум, Ренова седум, Македонија ЃП шест, а по пет бода имаат Шкупи и Силекс.

РЕЗУЛТАТИ ПМФЛ 7. КОЛО:

Академија Пандев – Ренова 0-2

Беласица  – Шкупи 1-0

Македонија ЃП – Работнички 3-0

Шкендија – Победа 0-2

Вардар – Силекс 1-0

 

 

- Оглас -

Најнови вести