Челниците на НБА лигата и официјално соопштија дека во продолжување на сезоната нема да учествуваат сите 30 клубови, туку само 22 екипи ќе ја имаат можноста да бидат дел од „Дизни светот“ каде ќе продолжи најсилната кошаркарска лига. Клубовите кои немаат реални шанси за влез во плеј-офот нема да играат, а меѓу тие клубови е и Атланта хоукс.
Со неиграњето на Атланта, автоматски се става крај и на неверојатната кариера на Винс Картер. Неуништливиот Картер со 43 години беше дел од НБА и ја играше рекордната 22-ра сезона. Со тоа што заигра во 2020 година, тој стана прв кошаркар кој четири децении бил дел од најсилната лига.
Картер дебитираше во НБА во 1998 година во дресот на Торонто репторс, кога беше избран како петти пик на драфтот. Во првите неколку години тој стана многу популарен поради своите атрактивни забивања. Најпознато забивање му е тоа на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година, кога на дуелот против Франција успеа да го прескокне центарот Фредерик Вајс кој беше висок 218 сантиметри и да забие.
Како поминуваа годините Картер ги носеше дресовите на Њу Џерси, Орландо меџик, Феникс санс, Далас маверикс, Мемфис гризлис, Сакраменто кингс, а од 2018 година беше член на Атланта.
Многумина од навивачите се разочарани дека Картер едноставно присилно ја заврши кариерата и нема да го добие заслужениот последен аплауз. Некои од фановите предложија да му се дозволи на Картер да потпише за неговиот прв клуб Торонто и да биде дел барем од еден меч во продолжување на сезоната, како и би добил соодветно испраќање по 22 години поминати во НБА лигата.