Легендарниот уругвајски фудбалер Себастијан Абреу одлучи да ја заврши кариерата. Популарниот Ел Локо има 44 години и конечно реши да стави крај на фудбалската авантура која му трае повеќе од две и пол децении.
„Дојде и тој ден. Завесата се спушта. Ова е вистинскиот момент да ја завршам кариерата. Ги исполнив сите мои соништа и веќе нема зошто да играм. Секогаш сум го давал најдоброто од себе и затоа заминувам на 44 години“, рече Абреу, кој денеска ќе го игра последниот меч, и тоа во дресот на Суд Америка, и тоа на гости кај Ливерпул во уругвајското првенство.
Este viernes, “El Loco” Washington Sebastián Abreu se retira del fútbol profesional, y la IASA tiene el orgullo de acompañarlo en el cierre de esta gran historia. Un enorme para él, en nombre de todo el fútbol uruguayo. pic.twitter.com/QUEX1k9Vcg
— Sud América (@IASA1914) June 10, 2021
Поради својот жесток темперамент, Абреу го доби прекарот Лудак, а стана познат по тоа што во ниту еден клуб не се задржа долго. Во текот на 26-годишната кариера играше за 31 клуб, играше во 12 земји и одигра над 850 мечеви. Абреу двапати го освојуваше првенството на Аргентина, со Сан Лоренцо и Ривер плејт, а четирипати беше првак во Уругвај и еднаш во Салвадор.
Со репрезентацијата на Уругвај ја освои Копа Америка во 2011 година, а за националниот тим одигра 70 меча и даде 26 голови.