По повеќе од две години пауза, Пол Погба конечно е блиску до враќање на теренот. Според најавите, Монако планира 32-годишниот играч од средниот ред утре да истрча на теренот на дуелот против Рен на гостински терен.
Погба не одиграл официјален натпревар од 3 септември 2023 година, кога влезе на неколку минути во победата на Јувентус од 2:0 над Емполи. По тој меч, неговата кариера влезе во сериозна криза.
Сè започна во август 2023 година, кога по натпреварот против Удинезе, Погба беше позитивен на DHEA, забранета супстанца што ги зголемува нивоата на тестостерон. Погба тврдеше дека ненамерно ја зел преку додатоци за кои мислел дека се безбедни. Во февруари 2024 година, италијанската антидопинг агенција го суспендира на четири години, но CAS ја намали казната на 18 месеци, дозволувајќи му да се врати од март 2025 година.
Од Јувентус му го раскинаа договорот и Французинот остана без клуб. Откако му заврши суспензијата, Монако му понуди двегодишен договор и нова шанса да ја обнови својата форма и репутација.
Според „Л’Екип“, тој конечно доби зелено светло оваа недела – завршил целосен тренинг без никакви проблеми и се очекува да патува со тимот во Рен, каде што би можел да ги добие своите први минути. Планот е постепено да се воведува во играта и во наредните недели да може да игра два натпревари од 90 минути за три дена. Погба се надева и дека ќе се врати во француската репрезентација за Светското првенство во 2026 година.

