Комнeн Андриќ е Србинот кој го направи првиот историски трансфер во редовите на Динамо Загреб по распадот на СФР Југославија. Динамо плати 800.000 евра за да го добие Андриќ, кој во првиот дел од сезоната играше за Интер Запрешиќ. Србинот кој е роден во Нови Пазар потпиша петгодишен договор со Динамо и веќе е во Турција, на подготовки со новиот клуб.
Андриќ сезонава игра одлично и е прв стрелец во хрватското првенство, па токму тоа е главната причина што Динамо реши да го доведе на „Максимир“ и е првиот Србин што ќе го носи дресот на „модрите“ по паузата од повеќе од 30 години. Претходно, последен Србин во Динамо беше Радмило Михајловиќ. Тој беше најдобар стрелец во сезоната 1987/88 и како главна ѕвезда на летниот преоден рок во 1988 година дојде во Динамо. Михајловиќ само една сезона остана во Динамо и не се покажа во најдобро светло. Таа година, Динамо заврши на петтото место во југословенската лига.
По распадот на Југославија, досега беше незамисливо Србин да го облече дресот на Динамо. Андриќ вели дека засега немал никакви проблеми.
„Доаѓањето во Интер беше мојот најдобар потег во кариерата. Многу ми е мило за сето тоа што ми се случува во Хрватска. Еве јас ќе ги демантирам сите неубави приказни што ги кажуваат и ќе речам дека во Хрватска не сум имал никакви проблеми. Среќен сум што сум првиот играч од српска националност што ќе го носи дресот на Динамо откако се случи одделувањето на земјите. Бев и прв Србин кој беше капитен на еден хрватски тим, во мојот Интер Запрешиќ. Сакам предизвици, тоа ме прави среќен“, рече Андриќ.