Уште само 10 дена остануваат до стартот на новата сезона во НБА-лигата, а челниците на најсилното кошаркарска лига решија да им дадат финансиска инјекција на сите клубови. Секој клуб во НБА-лигата ќе добие по 30 милиони долари за да се одржи ликвидноста за време на пандемијата со корона-вирусот.
Приходите на сите клубови се драстично намалени затоа што се игра без публика, а многу е намален и приходот на продажба на реквизити со клупски обележја.

Новата сезона во НБА треба да започне на 22 декември, а од утре започнуваат првите контролни мечеви. Според распоредот, во лигашкиот дел од новата сезона ќе се играат 72 наместо стандардните 82 меча. Потоа ќе се игра плејофот, кој треба да заврши навреме за да може сите кошаркари да бидат слободни за настапот на Олимписките игри во Токио кои се закажани од 23 јули до 8 август 2021 година.

