За првпат по пауза од 41 година на АТП-турнирите во игра на двојки за титулата играа четворица браќа, а финалето во Делреј Бич им припадна на близнаците Боб и Мајк Брајан.
До 117-тата титула во кариерата најуспешниот тандем во историјата на тенисот стигна по триумфот во финалето со 7:6,6:4 против браќата Кен и Нил Скупски.
За нив ова е петти трофеј во Делреј Бич, а колекцијата со пехари од тениските турнири им е пребогата. Патем учествуваа и во несекојдневно финале на четворица браќа, по двајца на двете страни од мрежата, што е прв случај по 1977 година, кога Виџај и Ананд Амритраж ги победија Џон и Дејвид Лојд со 6:1, 6:2 во финалето на познатиот АТП-турнир во Квинс.