Убедливиот пораз на Партизан на гостувањето кај Чукарички со 4:1 беше кобен за тренерот Срѓан Благојевиќ, кој денеска доби отказ. Челниците на Црно-белите решија да му се заблагодарат на Благојевиќ и преку соопштение ја образложија својата одлука.
„На предлог на потпретседателот за спортски прашања, г-дин Предраг Мијатовиќ, Управниот одбор на фудбалскиот клуб Партизан донесе одлука за замена на тренерот на првиот тим, г-дин Срѓан Благојевиќ. Во следните два натпревари, до репрезентативната пауза, тимот ќе го водат помошниците тренери Марко Јовановиќ и Ѓорѓије Ќетковиќ, а јавноста ќе биде информирана за понатамошните одлуки за време на репрезентативната пауза. Фудбалскиот клуб Партизан му се заблагодарува на г-дин Благојевиќ за неговата досегашна работа и му посакува многу успех во остатокот од кариерата“, објавија денеска од Партизан.
По 13 кола во првенството на Србија Партизан има 10 победи, едно реми и два порази и е на второто место на табелата, веднаш зад својот најголем ривал, Црвена ѕвезда.

