По европскиот крал ВАРДАР ќе ја памтиме 2019 година, а во 2020 чекаме остварување на фудбалскиот сон

Со испраќањето на годината, желбите и очекувањата се Новата година да биде уште поуспешна од претходната. На спортски план не може да се пожалиме дека немавме успеси во 2019 година. Приматот го имаше ракометниот првак Вардар.

Црвено-црните од „Јане Сандански“ не само што го одбранија тронот во домашното првенство и регионалната СЕХА лига, туку направија чудо со освојувањето на втората европска титула. Ретко кој во ракометна Европа очекуваше Вардар по вторпат во три сезони да биде европски владетел, но „црвено-црното“ срце на ракометарите на македонскиот првак покажа дека не признаваат фаворити и на крајот го кренаа трофејот на фајнал-фор завршницата во Келн. Во големото финале Вардар го победи Веспрем со 27-24.

На репрезентативно ниво, Македонија очекувано ги помина квалификациите за пласман на ЕП 2020. Во група со Исланд, Турција и Грција, Македонија го освои првото место, па сега ќе ги чекаме возбудувањата во Виена кои ќе започнат за помалку од две недели.

Петти пат во низа, а вкупно шестпати Македонија е дел од континенталниот крем. Предводени од капитенот Кирил Лазаров, очекуваме нови победи и радости во најуспешниот колективен спорт кај нас.

РЕД Е ДА СЕ СТАНЕМЕ ДЕЛ ОД ФУДБАЛСКАТА ЕЛИТА И ДА ИГРАМЕ НА ЕП 

За ракометарите веќе е очекувано да се дел од најдобрите и да бидеме присутни на најголемите собири. Таква желба речиси 30 години имаат фудбалерите, а се чини дека сега е дојдено времето да се оствари тој сон. Македонската фудбалска репрезентација ги одигра најдобрите квалификациите за ЕП 2020, завршувајќи на третото место во групата зад Полска и Австрија, но пред Словенија, Израел и Летонија.

Третото место не донесе пласман на ЕП 2020, но донесе голема надеж затоа што Македонија играше и во Лигата на нациите, каде што го освои првото место и сега ги чека мартовските бараж-средби за пласман на Евро. Во полуфиналето за пласман на ЕП, Македонија во Скопје ќе игра против Косово, а по евентуална победа, во финалето ќе гостуваме кај подобриот од мечот Грузија – Белорусија.

ОДБОЈКАРИТЕ ЌЕ ГО ПАМЕТАТ ШОУТО ВО ЉУБЉАНА ПРОТИВ СЛОВЕНИЈА

Оваа 2019 година беше историска и за одбојкарите. За првпат Македонија играше на Европско првенство. На настапот во Словенија не се посрамотивме. Во пет меча победивме двапати и само поради послабиот сет-количник завршивме зад Турција и Финска. Сепак, ќе се памети одличната игра на мечот против домаќинот Словенија и победата од 3-1.

Токму Словенија играше во финалето, но загуби од Србија, која стана нов европски првак.

ГОДИНА НА ПРОМЕНИ ВО КОШАРКАТА

И за кошаркарите може да се каже дека е успешна 2019 година. Репрезентацијата како првопласирана заврши во претквалификациите за ЕП, а во групата ривали ни беа Романија и Косово. Сега на ред се квалификациите за ЕП 2021 против Италија, Русија и Естонија. Само последниот не оди на Евробаскетот.

На клупски план, МЗТ Скопје Аеродром го поправи ланскиот кикс и повторно ја врати титулата во „Јане Сандански“ откако во финалето со 3-0 во победи го совлада вечниот ривал Работнички. Штрковите може да жалат што не успеаја да се изборат за влез во АБА 1 лигата откако на несреќен начин загубија од Задар во клучниот меч.

Ова беше година на промени во кошарката. На местото на Петар Наумоски, нов претседател на Федерацијата стана Перо Антиќ. Смена имаше и на селекторската позиција. Со Јорданчо Давитков успешно ги поминавме претквалификациите, а сега Александар Тодоров треба да донесе радост во квалификациите за пласман на ЕП 2021.

Ако се сумираат резултатите од 2019 година во најпопуларните спортови кај нас, може да се каже дека беше успешна, но, секако, очекуваме олимписката 2020 година да донесе уште поголеми радости.

- Оглас -

Најнови вести