Горан Пандев веќе неколку години како си замина од Интер, но фановите на гигантот од Милано покажаа колку многу го почитуваат капитенот на македонската репрезентација. Пандев денеска играше на стадионот „Џузепе Меаца“, но овојпат во дресот на Џенова и беше ривал на Интер.
И покрај тоа што го носеше дресот на противникот, Пандев доби стоечки овации од фановите на Интер. Во 51 минута, популарниот Гоче беше заменет, а додека излегуваше од теренот, навивачите на Интер со громогласен аплауз и овации го испратија некогашниот нивни миленик. Џенова загуби убедливо со 5:0 на гостивањето, а до 51 минута, „нераѕурите“ веќе имаа сигурна предност од 3:0.
Пандев играше за Интер од 2009 до 2012 година, период во кој „нераѕурите“ го постигнаа еден од најголемите успеси во клупската историја. Во 2010 година, Интер стана првак на Италија, шампион на Европа, а на крајот и планетарен клупски владетел. Во таа генерација, Пандев беше една од клучните алки.
По денешните овации кои ги доживеа на „Џузепе Меаца“, самиот Пандев испрати порака преку една од социјалните мрежи.
„Жалам за поразот, но уште еднаш сакам да им се заблагодарам на навивачите на Интер за љубовта и топлото добредојде кои ми ги покажаа. Иако е поминато долго време, тие секогаш допираат во срцето“, напиша Пандев, кој не остана рамнодушен и возврати со аплауз додека целиот стадион го поздравуваше него.
Како изгледаше излегувањето на Пандев од теренот во 51 минута, може да погледнете и кликнете ТУКА.