Врз која основа Ѓоковиќ доби медицинска белешка дека може да игра во Мелбурн невакциниран?

Новак Ѓоковиќ ќе го брани тронот на гренслем-турнирот во Мелбурн откако вчера Србинот се пофали дека добил дозвола за настап на Отвореното првенство на Австралија и тоа невакциниран.

Одлуката Ѓоковиќ да игра на првиот голем турнир во сезоната ги подели мислењата. Едни се среќни затоа што најдобриот тенисер во светот ќе биде дел од турнирот на кој има дури девет титули, а други сметаат дека Новак добил повластен статус затоа што организаторите му дозволиле да игра невакциниран, посебно затоа што Австралија е една од најригорозните земји кога се работи за пандемијата.

Потврдено е дека Ѓоковиќ добил медицинска белешка со која дури и невакциниран може да се појави на терените во Мелбурн од лекарската комисија која е задолжена за давање специјални дозволи, но не се знае објаснувањето на која основа Србинот добил дозвола за настап.

Светските медиуми најчесто пишуваат дека тоа е поради фактот дека Новак како дете боледувал од астма, но сепак тоа не може да се стави под „акутна здравствена состојба“ и не е причина да добие специјална дозвола.

Ѓоковиќ нема никакви други посериозни здравствени проблеми, па најлогично објаснување е дека тој во последниве шест месеци прележал корона-вирус. Сепак, и тоа е малку веројатно затоа што во јуни минатата година Ноле самиот објави дека е позитивен на корона-вирусот, а оттогаш се поминати повеќе од шест месеци.

Теоретски, Ѓоковиќ може и по вторпат да биде заразен, но тоа јавно да не го кажал. Ако тоа се случило, било во периодот од крајот на септември и октомври, евентуално крајот на декември, затоа што тоа се периодите во кои тој не настапуваше на турнири во втората половина на 2020 година.

- Оглас -

Најнови вести