Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Микел Хансен, ја шокираше јавноста кога на почетокот на оваа година реши да се повлече од активното играње. Речиси 20 години Хансен беше еден од најдобрите во оваа игра, ракометар кој едноставно доминира на теренот, па многумина останаа збунети од неговата одлука.
Хансен се повлече веднаш по завршувањето на Светското првенство на кое Данска предводена токму од Микел Хансен стигна до златото. Како причина за таа одлука да се повлече, бекот ги наведе преголемиот стрес и депресијата.
Сега, неколку месеци по таа шокантна одлука, Хансен повторно е на теренот. Данецот започнал со лесни тренинзи и се очекува да биде подготвен за стартот на новата сезона.
„Микел влезе во полн тренажен процес и е дел од екипата. Полека влегува во форма и очекуваме 100 отсто да биде подготвен за многу кратко време“, рече директорот на Алборг, Јан Ларсен.
И самиот Хансен потврди дека се враќа на ракометот.
„Поминав низ психички тежок период, во кој за среќа имав фантастична поддршка од семејството, пријателите и стручните лица, како и работодавците. Сега повторно имам енергија и можам да се фокусирам и да се вратам на спортот кој го сакам“, рече Хансен.
Данецот во кариерата има играно и за ГОГ, Барселона, Копенхаген и ПСЖ, а од 2022 година е во Алборг. За репрезентацијата на Данска има одиграно 252 меча во кои постигнал 1.302 голови. Тој е освојувач на злато и сребро од Олимписки игри, три златни и две сребра од Светски првенства, како и злато, сребро и бронза од европските првенства.