Вардар триумфално помина денеска на гостувањето во Струмица, победувајќи со 2:0 против Брера, во меч од 26. коло на Прва лига. Со овој триумф Црвено-црните ја продолжија низата од седум меча по ред во првенството без пораз.
Сосема поинаква е ситуацијата кај Брера. Во осумте меча од пролетниот дел, струмичани го претрпеа шестиот пораз, а имаат само уште две нерешени средби. Фактот дека освоија два бода во осум меча, значеше неизбежно тонење на Брера на табелата.
По комплетирање на 26. коло, Брера е на дното од табелата. Струмичани имаат 21 бодови, еден помалку од Воска Спорт и Тиквеш, додека Беса е во сигурната зона со 24 бодови.
Токму поради овие лоши резултати, тренерот на Брера, Тони Атанасов поднел оставка на функцијата.
Вардар и Брера ќе играат повторно за само три дена. В среда, во рамките од полуфиналето, Вардар ќе биде домаќин на струмичани во првиот меч од полуфиналето во најмасовното натпреварување во фудбалот кај нас.