Фудбалската репрезентација на Демократска република Конго се пласираше на завршницата на Светското првенство и тоа за прв пат по 52 години пауза. Овој фудбалски подвиг ја израдува целата африканска земја, а претседателот на ДР Конго, Феликс Цисекеди најави дека ќе има убави награди за фудбалерите и членовите на стручниот штаб.
Како што пренесуваат светските медиуми, Цисекеди откри дека секој член на репрезентацијата како награда ќе добие нов џип, паричен бонус и земјиште. Тоа е највредната позната награда за една репрезентација која се пласирала на најголемиот планетарен фудбалски собир. Претседателот на ДР Конго ги пофали сите фудбалери за се што направија во текот на квалификациите и порача „Од сега, пласманот на Мундијалите треба да биде редовна појава“.
Пласманот на Светското првенство беше обезбеден со тесна победа од 1:0 против Јамајка. Херој на нацијата беше Аксел Туанзебе, поранешен играч на Манчестер Јунајтед, кој го постигна одлучувачкиот гол во продолжението и со тоа предизвика еуфорија во целата земја. За ДР Конго, ова е долгоочекуван успех, бидејќи последен пат се појавија на Светското првенство во 1974 година, тогаш под името Заир.
По историската победа, Министерството за труд објави дека среда, 1 април, е прогласена за неработен ден со цел соодветно да се одбележи еден од најголемите спортски моменти во историјата на земјата. Во главниот град Киншаса владееше тотална еуфорија – банките и продавниците беа затворени, а илјадници луѓе ги преплавија улиците славејќи до раните утрински часови.
Тие првпат се квалификуваа на СП во 1974 година како Заир, и беа во група со Бразил, Југославија и Шкотска. По трите одиграни меча завршија без ниту еден бод со очајна гол-разлика од 0:14. Поразот на ДР Конго од Југославија со 9:0 е најголемиот пораз во историјата на Светските првенства, заедно со поразот на Ел Салвадор од Унгарија (1:10) во 1982 година и поразот на Јужна Кореја од Унгарија (0:9) во 1954 година.
ДР Конго на Мундијалот кој ќе се игра ова лето ќе биде во Групата К заедно со селекциите на Португалија, Узбекистан и Колумбија.

