Македонската фудбалска јавност бурно реагираше на фактот дека фудбалската Прва лига е на самото дно во Европа. Според последното рангирање на УЕФА на националните првенства, Македонија е на 53-тото место од 55 Федерации на Стариот Континент.
Само аматерските лиги на Андора и Сан Марино се послабо рангирани од македонската Прва лига. Далеку пред нас се првенствата како тие на Луксембург (46-то место), Малта (44-то место), Фарски Острови (41-во место), Косово (36-то место), Лихтенштајн (31-во место), а успех направи и Гибралтар, чие национално првенство сега е пред македонското!
Навивачите се лути, гневни и разочарани по овој нов голем неуспех на македонскиот фудбал. Уште се свежи сеќавањата на историскиот дебакл и највисокиот пораз на македонската репрезентација на гости кај Англија со 0:7, а сега доаѓа и потврда за тоа дека сме го допреле дното по рангирањето дека само Андора и Сан Марино се зад нас.
На социјалните мрежи има стотици коментари, речиси без исклучок сите негативни, дека нешто многу не чини во македонскиот фудбал и мора нешто да се менува за да се најде „крајот на мракот во тунелот“.
„Селска лига со аматери, без стабилни спонзори, без стадиони и квалитетни терени, без публика, местени првенства, пресно формирани клубови од олигарси по села без клупска историја за некоја година со пазар федерација – газди освојуваат лига излегуваат во Европа до прво коло, со скор од 0:7… Циркуз“, вели еден коментар на загрижен фан.
Друг навивач потсетува дека имаме фудбалски легенди кои сигурно уште имаат нешто корисно да дадат за македонскиот фудбал.
„Каде пуштија рака, ништо неостана! На подолго време ќе бидеме на дното! Терајте си карти под рака, избрани чартерчина, винца првокласни…. еј вие човечина фудбалски кои топка во животот не сте допреле доста се игравте со светиот дрес! Панчев, Најдоски, Пандев, Христов, Наумоски, Цапар….. вратете го фудбалот, овој народ заслужува малку радости“, стои во реакцијата на социјалните мрежи.
Друг коментар споредува и вели дека во минатото сојузната лига била многу посилна од оваа прва лига сега. „Оваа лига, па потсојузната лига беше појака од оваа прва лига, а за втора и да не зборуваме. За жал, таа е вистината“.
Има и такви кои се саркастични во целата оваа ситуација, па коментираат: „Штом не сме последни – добро е , има надеж“, или „Кога не можеш да бидеш прв, биди последен, ако сакаш барем по нешто да те паметат“.
Според некои од коментарите, треба да се смени раководството на ФФМ за ситуацијата да тргне во подобар правец. „Сè додека се овие на чело на ФФМ, така ќе биде, а можеби и полошо. Секаде се борат за добри резултати и квалитетен фудбал, само кај нас за крадење и уништување. Секаде игра квалитетниот играч, кај нас квалитетните се потиснати, а дрвата играат“.
По толку негативни коментари и реакции, факт е дека нешто не е како што треба во македонскиот фудбал и некој треба да се „разбуди“. Колку за потсетување, само пред две години Македонија играше на историското прво Европско првенство, а неодамна бевме сведоци на уште една историја, но овојпат негативна – историски пораз од Англија со 7:0. Време е нешто да се промени и да се сопре овој вртоглав пад на македонскиот фудбал!