Стефан Ристовски има шанса повторно да биде дел од клупска историја, овојпат како фудбалер на Спортинг Лисабон, а за таков подвиг на „лавовите“ од Лисабон им требаат сите три победи до крајот на официјалниот дел од сезоната.
Моментно Спортинг е во страшна серија од 10 победи по ред, а ако ги надигра екипите на Тондела и двапати Порто, тоа би биле рекордни 13 успеси во низа, нешто што го нема ниту една генерација фудбалери во богатата историја на клубот.
Холанѓанецот на клупата на Спортинг, Марсел Кајзер, го прероди тимот, Спортинг игра одлично, а и тренерот секако би бил првиот кормилар со 13 победи во низа.
Досега клупскиот рекорд е 12 триумфи едноподруго на генерациите што ги предводеа Рендолф Галовеј и Фернандо Ваз.
Ристовски веќе има запис за клупска историја како член на Риека, а неговата генерација е првата што освои шампионска титула во Хрватска и двојна круна во една сезона со пехари од ХНЛ и од националниот куп.