Селекцијата на Грузија убедливо со 3:0 ја победи Бугарија во меч од второто коло од квалификациите за пласман на Светското првенство кое се игра следната година. Грузија уште пред средбата важеше за фаворит, а тоа го потврди и на теренот во Тбилиси.
Отпорот на Бугарите траеше само половина час, кога првата ѕвезда на Грузија, Квича Кварацкелија погоди за 1:0 за домаќините. До крајот на првиот дел гол за Грузија даде и Гагнидзе, па во вториот дел домаќините рутински ја одржваа предноста.
Крај на сите дилеми стави Митаутадзе со погодокот во 65 минута. Бугарите во текот на целиот меч беа во подредена ситуација.
Пред само неколку дена Бугарите на свој терен загубија со 0:3 од Шпанија, па тие се убедливо последни во својата група со нула бодови и гол разлика 0:6 по првите две кола. Грузија стигна до првата победа и ќе се обиде да се вмеша во трката за висок пласман во групата во која Шпанија е прв фаворит, а тука е и Турција.