Средбата меѓу Зинедин Зидан и Пол Погба ги разгоре шпекулациите околу можна преселба на ѕвездата на Манчестер јунајтед на „Сантијаго Бернабеу“, „бомба“ која се очекуваше изминатово лето но не се оствари. Французите се сретнале во Дубаи за време на репрезентативната пауза, а според фотографијата се фатени во разговор.
Погба ја лечи повредата на скочниот зглоб, додека Зидан одвоил време за одмор, па имале време да разменат по некој збор. Сепак, стратегот на Кралевите не сака открие за што зборувале.
„Не беше договорено, едноставно се најдовме на исто место и разговаравме. Се знаеме одамна и редовно си одржуваме комуникација, но нема да ви кажам за што зборувавме, тоа е приватно“, истакна Зидан.
Поради повредата, Погба ги пропушти изминатите пет од седум меча за Црвените ѓаволи, а исто така нема да биде во комбинација за настап во големото дерби против Ливерпул, кое ќе се одржи во недела на „Олд трафорд“.