По стапките на Јунајтед: Челзи носи клупска легенда на кормилото

Манчестер сити вчера додаде сол на раната на Челзи, клубот од Лондон има сезона за заборав. Навивачите виновникот го бараат во Маурисио Сари и неговата тактика, која потполно потфрли, а шесте примени погодоци покажаа колку всушност „сарибол“ е ранлив.

„Сините“ примија 10 гола на последните две премиерлигашки гостувања (4-0 против Борнмут, 6-0 против Сити), а последниот дебакл веќе ги поттикна англиските медиуми да ја отворат темата – Смена на Сари и потрага по „пожарникар“ кој ќе го гаси огнот на „Стемфорд бриџ“. Ниту на букмејкерите им беше потребно многу време за да истакнат листа на потенцијани заменици на италијанскиот стратег, а за фаворит земен во предвид е Френк Лампард.

 

Предводникот на второлигашот Дерби каунти има најголеми шанси да биде назначен за нов менаџер на Челзи, a доколку ова се случи клубот од Лондон ќе направи исто како што Манчестер јунајтед го смени Жозе Мурињо, и на негово место доведе клупска легенда, Оле Гунар Солскјер.

Лампард одлично ја врши должноста со „овните“, неговата екипа се бори за влез во англиската елита, а би направил голем чекор во својата кратка тренерска кариера доколку седне на клупата на Челзи само пет години откако го напушти клубот како фудбалер.

 

Покрај него, се споменува и Зинедин Зидан, но тој не сака да преземе екипа на сред сезона, а и мали се шансите да ги води „сините“ доколку не обезбедат учество во Лигата на шампиони следната сезона. Ако веќе Сари добие отказ пред крајот на сезоната, работата би можело да ја доврши неговата десна рака, Џанфранко Ѕола.

Одлуката сепак, на крајот останува на газдата Роман Абрамович, кој е познат дека има краток фитиљ и не трпи вакви дебакли, најдобро тоа го знаат Андре Вилјаш Боаш и Луис Фелипе Сколари, кои заминуваа од Лондон по нецела сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести