Роналд Куман го доживеа првиот пораз како кормилар на Барселона и тоа во Мадрид, но не против Реал, туку со аутсајдерот Хетафе, а по мечот изјави дека бил навредуван од еден од играчите на домашниот тим.
Холанѓанецот му се пожалил на својот колега од Хетафе, Пепе Бордалас дека два-три пати бил навредуван од Алан Ниом.
На однесувањето на Камерунецот на Колосеумот „Алфонсо Перес“ забелешки имаше и Ансу Фати, но и дел од останатите играчи на Барселона.
„Му кажав на Бордалас да поразговара со својот игра. Ниом во неколку наврати ме навредуваше со непристоен речник. Срам ми е дури и да изговорам што ми кажа и како ме навреди. Тоа не е однесување што му доликува на професионален фудбалер во лига, каква што е шпанската“, изјави Куман.
Ниом го заврши мечот со жолт картон, но можеше и да биде исклучен, откако и потоа неколкупати нервозно реагираше. По натпреварот што го доби Хетафе со 1:0 Камерунецот имаше вербална пресметка со Фати, но за среќа немаше трето полувреме, па и играчот на Барселона и неговиот тренер Куман минаа само со навреди од 32-годишниот дефанзивец на клубот од Мадрид.