Само еден ден откако се заканија дека ќе ја напуштат Првата лига сè додека статутот на Фудбалската федерација не се усогласи со државните закони, Академија Пандев доби нов модерен терен од вештачка трева токму од ФФМ, изграден со средства од Хет-трим програмата на УЕФА.
На официјалното отворање денеска во Струмица беа претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, градоначалникот на Општина Струмица, Коста Јаневски, и претставник на клубот, Мартин Алаѓозовски.
„За Фудбалската федерација на Македонија денот како денешниот кога отвораме нови фудбалски терени секогаш се посебни и значајни.
Овој терен е првиот со најмодерна вештачка трева во Македонија, без гранули и во вредност од 280 илјади евра како помош од ФФМ и УЕФА за фудбалскиот регион од кој секогаш произлегуваат македонски фудбалски репрезентативци.
За нас е исклучително важно што докажавме дека ФФМ е способна да реализира важни проекти за македонскиот фудбал, од изградба на инфраструктура до обезбедување услови за најдобрата репрезентација за пласман на големи натпреварувања.
Сигурни сме дека вложувањето во инфраструктурата ќе овозможи клубовите да поставуваат нови цели кои ќе значат успех и за нив, но и за нашите национални тимови.
Токму затоа вложуваме во сите региони во државата. Сакаме да им помогнеме на сите, нашата цел е да направиме заеднички напори и вложувања со клубовите и општините, а сето она што се работи во европските фудбалски центри, мора да се направи и во Македонија“, истакна првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.