Победа, Македонија Ѓорче Петров и двете струмички екипи, Беласица и Академија Пандев, ќе играат во полуфиналето на националниот куп откако повторно и денеска беа подобри од своите ривали.
Победа приреди вистински подвиг и покрај сите проблеми што ги мачат прилепчани, со победа од 2-0 и во реваншот ја елиминира Шкендија.
Јаник Макота беше играч на одлука и во Тетово, кога на првиот меч го постигна победничкот гол и денеска. Камерунецот со француски пасош двапати ја затресе мрежата на Костадин Захов во Битола и обезбеди триумф од 2-0 за прилепчани и полуфинале.
Шкендија во последните 7 години, четирипати играше финале во Купот, двапати го крена пехарот, но не успеа да ја мине Победа, па јсано е дека ќе имаме нов победник во најмасовното фудбалско натпреварување.
Во скопската пресметка и Работнички падна пред Македонија Ѓорче Петров и како и Шкендија, не успеа да постигне гол на двата меча. Во реваншот денеска Христијан Кировски ги нокаутира „романтичарите’“, а Македонија со две победи од по 1-0 патува во полуфиналето.
Најефикасно беше на дуелот меѓу Академците на Пандев и единствениот второлигаш во четврт-финалето, Кораб од Дебар. Струмичани отпатуваа на реваншот со предност од 3-1, а денеска го декласираа Кораб со триумф од 6-1 и со вкупен резултат од 9-2 станаа полуфиналисти.
Струмица ќе има уште еден полуфиналист, а меѓу квартетот што ќе бие битка за пехарот е и Беласица. Денеска „сино-белите“ славеа со 2-0 и со вкупни 4-0 го декласираа и елиминираа Силекс.
Полуфиналето во националниот куп ќе се игра во март следната година.