Победа го шокира лидерот Струга, Шкендија, Шкупи и Силекс го прифатија „подарокот“

Победа во Прилеп славеше над Струга Трим Лум во меч од 11-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија и го приреди едно од најголемите изненадувања во новата сезона. Адтке Мазари беше херојот на прилепчани постигнувајќи ги двата гола, по еден во двете полувремиња.

Мазари прво промаши одлична шанса за погодок во 17-тата минута, но грешката ја исправи во 32-рата минута, кога речиси од „мртов агол“ го совлада голманот на гостите. Струга се обидуваше да израмни, но сите надежи на лидерот на табелата згаснаа во 79-тата минута, кога Мазари по вторпат донесе радост за прилепчани.

Триумфот на Победа ги израдува и оние екипи кои се во потера на Струга Трим Лум на табелата. Шкендија со голот на репрезентативецот Љупче Дориев во 32-рата минута го победи Скопје на гости, па тетовци сега имаат 22 бода, три помалку од Струга ТЛ.

Еден гол на гости му беше доволен и на Силекс, кој се радуваше на теренот на Работнички. Обрадовиќ во 23-тата минута даде гол за 1:0, што на крајот се покажа и како клучен момент на средбата.

Шампионот Шкупи продолжува со добрите игри и со 4:2 беше подобар од Тиквеш. Чаирчани имаа фуриозен почеток на мечот и во првите 18 минути дадоа три гола, и тоа преку Младеновски, Алварез и Демири. Тиквеш во вториот дел се врати на 2:3, но Маргвелашвили ги реши сите дилеми околу победникот откако погоди за 4:2 за Шкупи.

- Оглас -

Најнови вести