Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром од 17 часот го игра еден од клучните мечеви во АБА лигата. Во „Јане Сандански“ ќе гостува Игокеа, во дуел од 22. коло. МЗТ е последен на табелата со само четири победи, а Игокеа има две победи плус и уште е во опасност дека може да испадне.
За аеродромци ова е дуел кој мора да се победи за да се задржат реалните шанси дека може да се избегне испаѓање од елитното регионално натпреварување. МЗТ ги доби последните два меча на свој терен, а Игокеа е екипа која на девет гостувања сезонава загуби дури седум пати.
Тренерот на МЗТ, Драган Николиќ најавува голема битка не само на овој туку во сите преостанати пет меча до крајот на сезоната.
„Пред МЗТ Скопје се уште 200 минути до крајот на сезоната и планираме секоја од нив да ја искористиме максимално квалитетно и добро на патот кон остварување на нашата единствена цел – опстанок во јадранската елита. Очекувам квалитетен меч пред полни трибини. Навивачите се наш шести играч“, вели Николиќ во пресрет на дуелот со клубот во кој тој има работено како тренер.
Според коефициентите во Sport Life, МЗТ Скопје Аеродром е фаворит за победа. Освен овој меч, денеска во АБА лигата ќе играат и Цедевита Олимпија против Цибона, а тука се очекува лесен триумф на домаќините.