Победа над Алжир и финале за Македонија на „Трофеј Карпати“

Ракометната репрезентација на Македонија го победи Алжир со 25-24 (15-9) во полуфиналето на турнирот Трофеј Карпати во Букурешт, и утре од 17.15 часот, „црвено-жолтите“ ќе играат финале против подобриот од другото полуфинале во кое ќе играат Романија и Холандија.

Во првото полувреме подмладениот македонски национален тим (на турнирот не играат Ристовски, Манасков, Лазаров, Пешевски, Стоилов, Кузмановски и Талески) функционираше добро на двете страни од теренот, имаше предност од 15-9, но Алжир подобро го почна второто полувреме, и со серија од 5-1 ја врати неизвесноста.

Иако Алжирците ниту еднаш не изедначија, а шанса за такво нешто имаа во последниот напад (Митревски го одбрани шутот на противниците), сепак убавата предност не беше задржана и тоа треба да го загрижи селекторот Данило Брестовац.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ, Митревски (8 одбрани), Костески 1, Н. Маркоски 3, В. Маркоски, Мишевски 3, Димитриоски 2, Танкоски 8, Георгиевски, Димитриевски, Петров, Кукуловски, Серафимов, Јагуриноски, Маџовски 1, Поповски 4, Крстевски, Манасков, Велковски 3, Аларов.

Утре е финалето, а в понеделник Брестовац на прес-конференција во Скопје ќе го каже конечниот список на патници за Виена, каде ќе играме во првата фаза од ЕП.

 

- Оглас -

Најнови вести