Машката кошаркарска репрезентација на Македонија со победа над Полска од 88-74 ги заврши квалификациите за Евробаскетот 2025. Билансот е две победи (двете над Полска) и четири порази (по два од Естонија и Литванија), недоволно да се најдеме меѓу 24-те најдобри на Стариот континент.
За македонската репрезентација ова беше 170-ти официјален меч и 87-ма победа во историјата.
Во 26-та минута Полјаците изедначија на 53-53, а тогаш следуваше клучна серија од 14-2 за 67-55 по завршување на третиот период и враќање на целосната контрола врз резултатот која Македонија ја имаше во текот на речиси целата средба.
Во последната четвртина, Полјаците пак се заканија, но избраниците на Алек Јончевски со нова серија го одбија нападот и на крај извојуваа победа. „Икс фактор“ во нашиот национален тим беше Лејсон Зеќири кој постигна 17 поени, и беше трети стрелец зад Ти Џеј Шортс и Андреј Маслинко.
Пред мечот, на Дамјан Стојановски кој замина во репрезентативна пензија, му беше подарен дрес во знак на благодарност за направеното за црвено-жолтиот дрес во изминатите 20-тина години.