16.8 C
Skopje
четврток, 21 август 2025

Победа над Црна Гора речиси сигурно ги носи кадетите во главната рунда на СП

Македонската ракометна кадетска репрезентација денеска игра против Црна Гора во рамките на второто коло од првата фаза на Светското првенство кое се одржува во Хрватска.

Кадетите во првото коло доживеаја тесен пораз од Норвешка (25:27), а Ракометната федерација на Македонија незадоволна од делењето на правдата на судиите Рамеш и Суреш Тјагарах од Германија, поднесе официјална жалба до ЕХФ.

Противникот на Македонија, Црна Гора, во првото коло од групата Ф го совлада аутсајдерот Грузија со 34:19.

Македонските кадети предводени од селекторот Раде Стојановиќ, според квотите, се фаворити на денешниот натпревар. Квотата за триумф на Македонија изнесува 1.30, додека таа за победа на Црна Гора е 4.50.

Со победа над Црна Гора, Македонија речиси сигурно ќе ја оствари целта, ќе заврши на една од првите две позиции во групата и ќе се пласира во следната рунда бидејќи во последното коло ќе игра против аутсајдерот Грузија. Црна Гора пак во последното коло ја очекува дуел со Норвешка.

Кадетските репрезентации на Македонија и Црна Гора досега одиграле два меча меѓу себе, и тоа пријателски и на двата славеа Црвено-жолтите. На првиот меч Македонија славеше со 41:24, а на вториот со 31:29.

И женската кадетска репрезентација на Македонија денеска ќе игра против Унгарија во второто коло од групната фаза на Европското кадетско првенство кое се одржува во Црна Гора. Ракометарките во првото коло загубија од Романија со 40:27.

- Оглас -

Најнови вести