Поранешниот фудбалски гигант Победа Прилеп е во толку незавидна состојба, што одлучи да се откаже од настап во Втората лига. Прилепскиот клуб нема да се натпреварува во вториот дел од сезоната во второлигашката кокуренција.
Соопштението од клубот го објавуваме во целост.
„Друштвото за спортски активности ФУДБАЛСКИ КЛУБ ‘ПОБЕДА’ АД – Прилеп, со седиште во Прилеп на ул. „Александар Македонски“ бб со ЕМБС 6588689, ја известува фудбалската и спортската јавност:
Да ја појасниме моменталната ситуација во нашиот клуб, во април 2025 година дојде до промената на мнозинскиот акционер на нашиот клуб, новиот мнозински акционер е со став дека не сака да го води клубот, па така на единственото легитимно и легално акционерско собрание не постави лица кои би раководеле со клубот и не назначи извршен директор.
Пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, во август се бараше заедничко решение со Градоначалникот и Општина Прилеп, па поради краткиот временски период за делување, се донесе привремено решение и се постави одговорно лице со цел клубот да продолжи да функционира до изнајдувањето на долгорочно решение. На советот на Општина Прилеп беше изгласана одлука за доделување еднократна финансиска помош во висина од 1.000.000,00 денари, која не беше исплатена поради распишувањето на локалните избори, таа до денес не е исплатена, што воедно беше и услов за клубот да се натпреварува во сезона 2025/2026 во ВМФЛ.
Во овој момент клубот е со блокирана сметка и во крајно очајна финансиска ситуација, поради што ја известуваме јавноста дека сениорската екипа на ФК Победа Прилеп не е во можност да го продолжи натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига.“


