Победа се заканува да го сопре летечкиот старт на Вардар

Победа има мака со домашниот терен, прилепчани често се селат од стадион на стадион, поради реконструкцијата на „Гоце Делчев“ во Прилеп, но играат одличен фудбал без разлика на проблемите.

Денеска од 15 часот во Штип ќе му бидат домаќини на Вардар во еден од двата дерби дуели од осмото коло во Првата македонска фудбалска лига. Ја победија Шкендија во минатото коло и тоа во Тетово, а сега се подготвени да го сопрат летечкиот старт на Вардар.

„Не очекува уште еден тежок и неизвесен меч. Се знае кој е Вардар, а денешниот противник е во одлична форма и е лидер на табелата. Ако го повториме изданието од дуелот со Шкендија можеме повторно да победиме. Но, за тоа мора да дадеме максимум, да се бориме до последниот атом на силите, вели голманот на Победа, Дарко Тофиловски.

Тој брани извонредно од стартот на новата сезона и е еден од ретките чувари на мрежата со просек под еден примен гол на меч.

Вардар е единствената непоразена екипа во домашното првенство по седум кола, а летечкиот старт на најтрофејниот клуб изненади многумина. Клубот има проблеми со финансии, но играчите се надминаа и играат одлично. Денеска ќе се обидат да ја прекинат непријатната серија од три гостински порази по ред од Победа и со нови бодови да останат на врвот на табелата.

„Минав убави две години во Победа, меѓутоа во овој момент би дал сè за триумф на Вардар и за останување на првото место на табелата. Сега сум дел од Вардар и ќе се трудам мојот тим да ги освои трите бода на дербито. Тоа што ја победија Шкендија минатото коло и тоа на нејзин терен во Тетово, треба да ни биде сериозна опомена дека не треба никако да ги потцениме. Победа има сериозна екипа која може во секој момент да победи секого, меѓутоа за нас приоритет се трите бода и ќе дадеме максимум да ги освоиме“, изјави Филип Најдовски. 

Дерби меч ќе се игра и на „Кукуш“ во Турново, каде Академија Пандев ќе ја пречека Шкендија. И двете екипи претрпеа неочекувани порази како домаќини во минатото коло, со по 0:2 од Ренова, односно Победа, па сега ќе бараат рехабилитација во битката за врвот на табелата.

Двојки, 8. коло, 15 часот:

Победа – Вардар, Академија Пандев – Шкендија, Работнички – Беласица, Ренова – Шкупи, Силекс – Македонија Ѓ.П.

- Оглас -

Најнови вести