Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва од 19 часот во Гевгелија игра против селекцијата на Норвешка во рамките на третото коло од преквалификациите за Европското првенство 2025 година.
Ова ќе претставува дуел на двете непоразени репрезентации по првите две кола, а благ фаворит според квотите во Sport Life е Македонија. За триумф на избраниците на селекторот Александар Јончевски квотата изнесува 1.86, додека за триумф на Норвешка е 2.05.
Македонија во првите две кола ги совлада Данска со 73:70 на гости и Словачка со 79:75 на натпревар што се играше во СРЦ Кале.
Норвешка имаше поубедлив настап на двата меча, прво со 87:68 ја победи Словачка на гости, а потоа славеше со 99:75 над Данска. Анализите на стручниот штаб покажаа дека главните оружја на Норвежаните им се транзицијата, офанзивниот скок и шутот за три поени.
Селекторот Јончевски нема да може да смета на тројца клучни играчи, Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, кои имаат клупски обврски, како и на повредениот Кристијан Николов, но затоа во националниот тим ќе дебитира Ти-Џеј Шортс. Натурализираниот Американец, кој е најдобар стрелец во Бундеслигата, неодамна доби македонски пасош и ќе може да настапи на вечерашниот натпревар.
„Ја гледавме Норвешка, станува збор за добар тим кој игра кошарка со многу движења и силна транзиција. Главен адут им е транзицијата, доста трчаат. Се работи за специфична репрезентација, со квалитетен офанзивен скок. Наше е да го затвориме нивниот најдобар играч, кој е плејмејкер и да ја спречиме транзицијата. Мора во сите 40 минути да играме фокусирано и квалитетно. Шутот за тројката исто им е доста добар. Токму поради таа транзиција, на последниот меч со Данска дадоа 20 тројки, со 65 отсто ефикасност. Нема да биде воопшто лесно, но се надевам дека ние ќе бидеме победници на крајот. Во последните пет години не сме во целост комплетни, со исклучок во август, кога бевме повеќето тука и покажавме квалитетна кошарка“, вели капитенот Војдан Стојановски.
За првпат по подолго време репрезентацијата нема да игра во Скопје, туку во Гевгелија, во салата „26 април“.
„Македонија е кошаркарска нација, надворешните градови можеби и повеќе се радуваат на вакви натпревари и настани. Сигурен сум дека ќе имаме полна трибина и поддршката многу ќе ни значи“, вели Адем Мекиќ.