Манчестер јунајтед победнички се врати од гостувањето кај Фулам, и тоа благодарение на голот на Лисандро Мартинес. Ова е само трета победа за Црвените ѓаволи на гостински терен сезонава и стигна до вкупно 29 бода од 23 меча, што сега е доволно за 12-тото место на табелата во Премиер лигата.
Тренерот на Манчестер, Рубен Аморим, беше посебно задоволен затоа што фудбалерите со победата му го разубавија роденденот кој го слави денеска. Аморим денеска ќе го прослави јубилејниот 40-ти роденден, но иако доби молба од фудбалерите да имаат слободен ден, ќефот нема да им го исполни.
„Убаво е чувството кога ќе се победи далеку од дома. Постигнавме гол, но и одлично се браневме. Тоа е добар знак. Мора да создаваме повеќе шанси за погодок и, секако, да се обидеме да победиме и на следниот натпревар. Играчите побараа слободен ден, но нема да има. Јас ќе славам роденден, но за мене е подарок да тренирам со момците. Откако ќе ги завршам работните обврски, ќе одам да вечерам со моите деца. Голема привилегија е да се работи во еден ваков голем клуб“, рече Аморим по победата над Фулам.